Последните неколку случаи на позитивни пациенти од Ковид-19 во М.Каменица кои беа регистрирани како пациенти од Делчево предизвика паника меѓу жителите во двете општини, но според директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска, паниката била непотребна. Таа во својата денешна изјава ја расчисти дилемата зошто пациентите кои се позитивни на вирусот иако се од М.Каменица се регистрирани како пациенти од Делчево

-Со општина М.Каменица долги години бевме заедно, а нашиот здравствениот дом се уште егзистира како заедничка установа за Делчево и М.Каменица. За жал во петокот се појави првиот случај во Македонска Каменица, станува збор за бугарски државјанин кој работи во Рудник Саса и престојува во М.Каменица, а потоа уште тројца пациенти кои имале контакти со заразениот и тестовите им беа поизитивни. Заради тоа рудникот си презеде лични мерки, повикаа фирма од Скопје (Авицена) и повикаа 100 луѓе на кои им направија тестови. Од контактите со првиот пациент кој бил позитивен, излегоа уште три нови случаи. Има и други кои не се тестирани, кои допрва ќе се тестираат. Сите тие во јавните гласила и медиумите случаите беа претставени како позитивни во Делчево. како што кажав иако се разделивме пред 15-16 години, ние сме сродни општини и никогаш не сме биле во лоши односи со М.Каменица, здравствениот дом се уште егзистира како единствен за двете општини. Во однос на пациентите како здравствен дом ги преземаме сите мерки кои се потребни за заштита на нашите пациенти на вработените во здравствениот дом и граѓаните. Во соработка со градоначалничката на М.Каменица и Јавното претпријатие постојано се прави дезинфекција на улици на згради, на влезови, на здравствената станица, средства за дезинфекција имаме доволно, а вработените се добро опремени со заштитна опрема, рече Глигоровска.

Активности на ТППЕ М.Каменица за спречување на ширење на заразата

Поради контактите кои ги имал првиот пациент со други вработени очекувањата се дека се можни уште пациенти со позитивен наод но Глигоровска изрази надеж дека тоа нема да биде така и дека општината ќе остане на тие неколку позитивни случаи.

-Детектирани се сите контакти на првиот позитивен пациент, кој како што кажавме е странски државјанин, епидемиологот работи со нив, разговара, прави анкети и ќе одлучи на кого треба да се направат тестови, иако имам информација од рудникот дека и тие самите ќе направат тестови на населението, на сите контакти со заболените, а особено на вработените во рудникот кои биле во поблизок и подалечен контакт со првиот случај. Настана мала забуна за објавувањето како позитивни во Делчево и настана мала паника меѓу населението во Делчево. Во тој поглед еве кога знаеме дека пациентите се од М.Каменица, треба да се опуштат делчевчани, но тоа не треба да значи дека не треба да се почитуваат мерките. На почеток кога се јави короната луѓето како повеќе да внимаваа, реагираа, повеќе ги почитуваа мерките, носеа маски и држеа дистанца, но почнаа да се олабавуваат, ова особено важи за општина Македонска Каменица. Во петокот бев на пазар таму, верувајте ретко кој носеше маска. Затоа мора да ги заостриме мерките, разговарано е со градоначалничката и Кризниот штаб, во соработка со полицијата да се пристапи кон казнување, истакна директорката.
Глигоровска се осврна и на однесувањето на помладите во кафе баровите и на гужвите кои се создаваат таму, а кои не и одат во прилог на добрата епидемиолошка состојба.

Марија Глигоровска – директор на Здравствен дом „Гоце Делчев“ Делчево

-Кај нас во Делчево гледам кафичите се преполни, нема дистанца, мислам ептен се опуштивме, мора малку да почнеме да внимаваме затоа што во Делчево немавме случај на Ковид-19. Имавме еден пациент во Скопје и уште еден после тоа во Скопје, тој не доаѓаше во Делчево додека не стана негативен. Се работи за вработена во Скопје која таму и живее. Меѓутоа сега како малку да се опуштивме, мислиме дека сме заштитени, а не е така. Короната е во близина, еве во Македонска Каменица многу наши сограѓани работат во рудникот може и контактирале со зарзените, многу лесно може да се случи и кај нас да се префрли. Апелирам да се следат препораките, асогласно со уредбата за неносење на маски полицијата да казнува, додаде Глигоровска.

За здравствената состојба на пациентите од М.Каменица, Глигоровска рече дека е стабилна, а поради нивните контакти поголем број на граѓани се во самоизолација.

-Пациентите имале доста контакти и тие сите се во самоизолација, веќе тие три дена епидемиологот и инспекторката од Кочани прават решенија за саноизолација. Се надевам дека вирусот нема да се прошири, особено е важно што ниту еден од нив не е болен. Состојбата во голема мера ќе зависи од тоа какви биле нивните контакти, дали биле директни, со маска или без маска, од нас ќе зависи како ќе се развива ситуацијата. Заради добра епидемиолошката состојба треба навистина да држиме дистанца. Сега е лето, не е проблем да држиме дистанца и на о ворено и на затворено. Не е проблем да влеземе во затворена просторија со маска. Треба да си помогнеме како досега што бевме дисциплинирани да не се опуштаме да веруваме дека има корона, да се заштитиме да не добиеме позитивен, додаде Глигоровска.

Спроведени мерки за спречување на ширење на заразата во М.Каменица

Таа ги повика и охрабри сите граѓани на М.Каменица да бидат дисциплинирани, да не се создава паника и да се следат препораките на надлежните.

-Мора да ги следиме препораките затоа што не сме сите во иста здравствена состојба, ние кога го гледаме по улица, луѓето изгледаат во ред, но постојат луѓе со други заболувања кои може фатално да завршат заради наша негрижа. Заради тоа апелирам сите да ги почитуваат мерките, апелираше Глигоровска.

Здравствената установа како што дополни ќе продолжи со спроведување на своите мерки за заштита, се со цел спречување на ширење на заразата.

(видеото е снимено од порталот delcevo365.mk)