36 семејства од социјално-ранлива категорија во Виница за помалку од година дена ќе можат да се вдомат во првата социјална зграда во Виница чија изградба е во тек. Како што најавија министерот Сугаревски и градоначалникот Димитров, истата би требало да биде ставена во функција и пред поставениот рок од 12 месеци .

“Социјалната зграда е еден од многуте проекти кои ги реализира Владата на РСМ, да помогнеме на 36 социјални семејства и во Виница, а во моментот се градат 500 социјални станови во повеќе општини. Низ сите 8 региони во државата реализираме проекти, во моментот разговаравме и за проширување на Филтер станицата во Виница, Владата помага, но и општина Виница сакам јавно да ја пофалам, сработи голем број проекти“, рече министерот Сугаревски, кој денес изврши увид на градежните активности во Виница.

“Ние како општина реализираме уште еден значаен капитален проект кој е фокусиран на најранливите семејства на кои им е потребен кров над главата, и се надевам дека во предвидениот рок кој го најавува изведувачот, тие семејства за неполна година ќе можат да се вселат во своите нови домови. Оваа инвестиција на Владата на РСМ тежи околу 68 милиони денари и е добредојдена за нас како општина која одамна очекуваше реализација на еден ваков социјален проект, но ние со подршка на Министерството за транспорт и врски, не застануваме овде. Веќе сме во преговори за проширување на Филтер станицата заради поврзување на с.Лески, чии жители континуирано имаат проблем со водоснабдувањето, ќе работиме на нова реконструкција на водоводната мрежа, а како што веќе најавивме , се работи и на стариот пат за Делчево преку Клаиманци“, изјави градоначалникот Ивица Димитров.

Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски, најави дека веќе се водат преговори за започнување на уште 13 градилишта со социјални згради, од кои 4 треба да бидат на истокот.