Денеска, градоначалничката на општина Македонска Каменица Соња Стаменкова ги посети Итната медицинска помош, мобилните општински тимови и Полициската станица во градот.

Во знак на поддршка, Стаменкова уште еднаш искажа голема благодарност до полициските организациони единици, волонтерите од мобилните општински тимови и медицинските служби при Здравствената станица што деноноќно го чуваат градот и се грижат за безбедноста на жителите за време на вонредната состојба. Исто така, градоначалничката Соња Стаменкова изразува благодарност и до сите граѓани на општина Македонска Каменица кои покажуваат висок степен на одговорност за време на празничните полициски часови и ги почитуваат препораките за заштита на личното и јавното здравје.

Во денешната обиколка, на службениците од полициската станица, мобилните и медицинските тимови Стаменкова им достави освежителни пијалоци.
Во изминатиот период, општина Македонска Каменица преку Општинскиот штаб за заштита и спасување за потребите на ангажираните служби кои во овие вонредни околности се грижат за безбедноста и здравјето на граѓаните во нашата општина, во неколку наврати им додели заштитни медицински маски, средства за лична и дезинфекција на простории и месицински ракавици.

Во текот на наредните денови ќе бидат обезбедени дополнителни количини на заштитни одела (скафандери) и визири за потребите на ангажираните служби во борбата против Ковид 19.