НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Пред 122 години починал Дедо Иљо Царот Малешевски, борец за слобода на Македонија, но и во битки за Србија, Бугарија и Русија

Ајде, ред се редат, мале, ајде ред се редат, кочански сејмени… Така почнува народната песна испеана за Царот Малешевски, Илија Марков Малешевски (познат како Дедо Иљо Малешевски), прочуен македонски ајдутски војвода, во втората половина на 19. век, кој учествувал во битките против Турците.

Ајдутскиот војвода Дедо Иљо Малешевски починал на денешен ден во 1898 година во Ќустендил.

Роден е на 28 мај 1805 година во Берово, се борел во многу битки против Османлиите и поради неговото херојство го нарекувале и Цар Малешевски.

Во османлискиот период, Малешево било нахија (реон) и било составен дел од каза (околија), а во 19 век, неколку малешевски села влегувале во Ќустендилската каза, која била составен дел од Нишкиот вилает.

Според Ј. Џ. Васиљевиќ семејството Иљо припаѓало на родот Мутракинови, кои се викале Кализовци и Маркови. П. Хитов истакнува дека таткото на Иљо се викал Марко, а по него се нарекол Марков. В. Стојанов го именувал како Иљо Марков. Во документите од 60-тите години на 19 век е именуван како капетан Иљо, а потоа како дедо Иљо. Се сретнува и како Кара Иљо, Иљо Малешевски, а во постарата литература се сретнува како Иљо Војвода.

Во конзуларните извештаи од 1860-1862 година се наведува дека Иљо имал една ќерка од околу 10 години и два сина од 5 и 8 години. Од овој податок може да се заклучи дека Иљо веќе околу 12 до 15 години бил оженет. Во едно писмо на неговата жена Стојанка – Цона напишано околу 1860 година, која исто така потекнувала од Берово, пишува дека таа се омажила пред 11 години, односно околу 1849 година.

Повеќе верзии за одметнувањето

Пред своето одметнување, Иљо се занимавл со земјоделие и други општи работи во Берово и низ Македонија. Во зима и напролет, тој организирал по малешевските и околните села – аргати и аргатки и како нивни предводник во летото ги водел на работа по големите чифлици во Скопското и Серското поле. Уште во овој период, Иљо бил шетан човек, познавал повеќе луѓе и се научил и свикнал да предводи луѓе, да се справува со османлиските бегови и да се пресметува со рабојниците. Иако бил неписмен, оставал впечаток на просветен човек. Бил великодушен, полн, широкоград и јак, средно висок со јуначко тело. Според еден негово современик, Иљо имал: „… долги црни коси, црн мустак, испечено лице, орлов нос, долгунесто лице, јасно и убаво чело и големи црни очи, мил поглед…“

Постојат повеќе верзии за годината и причините за одметнувањето на Иљо. Според една од верзиите, Иљо пред да стане ајдутин, при спасувањето на својата сестра од потурчување, убил еден од Турците и се засолнил во Рилскиот манастир, каде што станал чувар на манастирските имоти. Две години по враќањето на Иљо од Рилскиот манастир, некои од беровските Турци и беровскиот буљукбашија Габо Парамун решиле да се пресметаат со него затоа што сметале дека тој ги извршил сите убиства на Турците и сите палежи во Берово.

Во Берово се раскажувала дека неговиот постар брат Станко бил скаран со еден Турчин, поради некоја нерасчистена сметка од собирањето на десетокот, кои тие заедно го го вршеле. Според писмото на Цона, судирот настанал поради тоа што кога Иљо побарал од бајракатарот Мехмед да му ги плати трите оки на масло што му ги дал Иљо на вересија, тој се налутил и решил да го убие. Односно не една, туку повеќе причини биле потик Турците да ги нападнат Иљо и неговиот брат Станко на нивата каде што работеле, кај местото Селце. Во нападот Станко бил смртно ранет, а Иљо во десната рака. Станко пред да умре успеал да убие еден од напаѓачите. Судирот се пренел во колибата изградена во нивата, каде што Иљо го убил буљукбашијата Габа, а убил и двјца сејмени, по што усепал да избега ранет. По овој настан Иљо станал ајдутин.

Иљо војвода со печат капитан

Повеќе автори кои пишувале за животот на овој македонски ајдутин се согласуваат дека убиството на неговиот брат е причината за неговото одметнување, меѓутоа во историската литература се сретнуваат различни години. Најверојатно одметнувањето на Иљо се случило по неговата женидба со Цола.

Иљо војвода со својата дружина, според можностите, го чувал својот крај од разбојниците, ги придружувал трговците и карваните по опасните патишна и одврем навреме ги казнувал насилниците за нивните зулуми вршени врз христијаните. Затоа Турците го сметале капитан Илија за разбојник и месните началства постојано се труделе да го фатат, но поради доброто расположение на христијанското население од областа, тој лесно се криел пред честите прогони.

Од бројните незадоволни луѓе, Иљо избрал 15 души и ја формирал својата ајдучка дружина со свое знаме кое имало сива боја. Прв негов бајрактар бил Стојмен кој се истакнал со својата храброст и доследност. Kако последен негов бајрактар се спомнува Ценко Грленецот. Иљо имал и сопствен печат со натписот: Капитан Иљо Марков.

Тој 3- 4 пати формирал нова дружина, но се познати имињата на ајдутите од неговата прва дружина. Во неa влегувале: Стоимен, Мито Заго, Ѓорѓи Голчо, Ѓорѓи Попчев, Станко Парата, Димитрија, Стојко, Ѓорѓи, Шестопрст, Чангуљ, Демир и др. Како пријатели на Иљо се споменуваат: Ристе од Разловци, Димитрија (Демир) од Русиново, Ѓорѓи Ајката и други. Сите десетмина се од Берово. Отука во народните песни се пее дека: идат ајдути, ајдути беровци.

Во литертаурата може да се сретне дека во дружината на Иљо имало и Турци, а според некои автори, Иљо за да му даде општонароден карактер на бунтот и за да ги чува христијаните од нападите на муслиманите, на некои од своите ајдути им дал турски имиња или прекари: Димитар – Демир, Атанас – Џафер, Димо, Димитрија – Ченгул, Ристе – Џабире и слично.

Се борел за слобода и во Србија

Во 1860 година, Иљо со својата чета се префрлил во Србија, каде нашол погодна почва за дејствување. Кнезот Михајло Обреновиќ III од Србија направил центар на востаничката и националната активност на Балканот. Во 1861 година се вклучил во Првата бугарска легија и станал помошник на Георги Раковски при воената подготовка на Легијата. На 3 јуни 1862 година, на Чукур чешма дошло до инцидент помеѓу турското и српското насление, а Османлиите го бомбардирале Белград. Во борбите, Иљо војвода се истакнал со својата храброст и му било доверено знамето на Легијата.

По растурањето на Легијата од српската влада, Иљо со дел од своите ајдути заминал за Крагуевац. Кога османлиските власти разбрале за неговото учество во борбите во Белград, повторно го уапсиле неговото семејство и го затвориле во Скопје. Неговото смејство било посетено од бугарскиот просветен деец Најден Геров, кој им помогнал.

По 2 години престој во Крагуевац, Иљо се вратил во Белград, каде што бил награден од Михајло Обреновиќ III со ореден и титула, а му била доделена и пензија од 150 динари. Активно учествувал со чета од 300 луѓе, заедно со своите синови Никола и Иван, во Српско-турската војна од 1876-78 година.

На крајот на војната, во село Демиград во големите борби помеѓу Срби и Османлиите, Иљо бил тешко ранет. Како последица од ранувањето, му биле извадени две ребра и останал инвалид со десната рака. За покажаната храброст во војната бил награден со српскиот „Таковски“ орден за храброст.

Со незалечени рани во Руско-турската војна

Руско-турската војна го затекнала Иљо во болница. Со незалечени рани заминал за Свиштов каде се ставил на услуга на руската команда, која му го доделила чинот капетан и му доверила една тн. волна чета. Одредот го одвел во Ловечко, каде дејствувале во тилот на османлиските сили. При преминувањето на Балкан Планина бил во западниот одред на генерал Јосиф Гурко. По солободувањето на Софија, Иљо бил поставен за командант на сите доброволечки чети и бил назначен во одредот на Јуриј Задерновски, девизиски началник на 4-от улановски харковски полк, кој имал задача да ги гони Османлиите во насока Радомир – Ќустендил.

По ослободувњето на Ќустендил, во почетокот на 1878 година, дедо Иљо Марков со 150 македонски доброволци учествувал во востаничкиот продор во Пијанец. Тој бил пречекан со големи почести од месното население. Го собрал оружјето од Турците и помагал во организирање на месната власт.

Дедо Иљо Марков – Малешевски бил во Сан Стефано, кога во март 1878 година бил попишан Санстефанскиот мировен договор меѓу Руското царство и Отоманската империја. Но под притисок на големите сили, Австро-Унгарија, Велика Британија и Франција кои не биле задоволни од проширувањето на руското влијание на Балканот, како и на Грција и Србија кои не посакувале создавање на голема Бугарија, кратко трае овој „прелиминарен договор“ за создавање на т.н. „бугарско царство“ во кое би влегол поголем дел Македонија. Само неколку месеци подоцна, по Берлинскиот договор со кој претходниот станува неважечки, бројни турски војски повторно се враќаат во Македонија. Родното место Берово останува под турска власт, а Дедо Иљо со семејството останува да живее во Ќустендил. За неговите заслуги Народното собрание му одобрува пензија од 220 лева месечно.

Македонци, нашата мајка плаче…

На состанокот во Рилскиот Манастир, на кој присуствувале и Димитар Поп-Георгиев Беровски и војводата дедо Иљо Малешевски било решено да се повикаат сите чети кои дејствувале недалеку од демаркационата линија да се приближат до Горна Џумаја. На повикот се одзвале повеќе чети и во Горна Џумаја се одржало советување со војводите за востанието. Пред почетокот на востанието Иљо испратил проглас во кој било истакнато:

„Македонци нашата мајка стана и плаче со горчлив крик под турскиот оган и јатаган. Крвта на нашите родители е пролеана, синови и браќа викаат да се крене оружје против петвековните поробувачи и насилници, нашите малтретирани мајки, жени и сестри кои се под неподносливото и нечовечко турско однесување, плачат над нашите уништени домови и го чекаат нашиот одговор. Македонски и бугарски херои! Нашиот свет лав ‘ржи преку нашите македонски гори и долини и не повикува сите да земеме оружје. Каде и да сете, побрзајте заедно со нашите оружја во нашите раце, да ги спасиме тие невини жртви од ова валнако и зајадливо понижување. Сетете се дека нашите татковци ја пролеаа својата крв за грчката и српската слобода. Сетете се на настаните од претходната година и ќе видиме дека крвта од нашите се уште стои на алексинскиот и шипченскиот премин, чија крв тие не ја штедеа за нашата слобода…Македонци! Сега е време да ги убедиме нашите образовани предавници, дека Македонија дури и по пет века ропство може да раѓа и да има во себе синови, херои! Малешевски планини, Македонски востанички комитет.“

Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на Кресненските анови во кои била сместена турската војска. Во нападот учествувале 400 востаници и многу селани од околните села. При самиот напад на турскиот гарнизон на востаниците им се предале 109 турски војници.

Кресненското востание било прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија. Очигледното мешање во политиката на востанието и водењето на борбата и спроведувањето на своите зацртани планови на бугарските комитети довеле до големи недоразбирања и судири со македонските востаници и револуционери.

Во почетокот на јули 1879 година престанале секакви востанички дејствија, но со доаѓањето на Османлиите во Горна Џумаја започнало бегство на населението од Џумајската каза и од внатрешноста на источна Македонија. Околу 25.000 – 30.000 христијани заминале во Бугарија и тоа била една од првите поголеми миграции на населнието од Македонија во Бугарија. На местата на избеганото населението почнале да се доселуват муслимани од Бугарија.

Србија му ја одзела пензијата, добил од Бугарија

И покрај поодминатата возраст, со својата чета учествувал во Српско-бугарската војна од 1885 година. Неговата четата била дел од Радомирскиот отред кој бил под команда на Димитар Поп-Георгиев Беровски. Се борел кај Брезник, Сливница, Врање, Краиште и село Извор. Поради своето учеството во војната на бугарска страна, српската влада му ја одзела пензијата доделена од кнезот Михајло Обреновиќ III.

Во 1890-тите години, кога почнува активно дејствување на македонската револуционерна организација во Македонија и Одринско, Иљо војвода со интерес ги следел настаните и ги помагал револуционерите кои поминувале низ Ќустендил.

Уште додека беше жив Дедо Иљо станал легенда, а неговата храброст и јуначки дела се испеани во многу народни песни. За покажаната храброст во војните одликуван е со повеќе ордени од страна на српската, руската и бугарската власт. Умира во Ќустендил во 1898 година. Погребан бил со највисоки почести. Целиот град излегол да се прости со последниот прочуен ајдучки војвода. Дедо Иљо Малешевски е опеан во македонската народна песна „Ајде, ред се редат“:

Ајде, ред се редат, мале,

Ајде, ред се редат,

Кочански сејмени, мила мале,

Кочански сејмени…

… Ајде, ќе го барат, мале,

Ајде, ќе го барат,

Иљо арамија, мила мале,

Иљо арамија.

Ајде, не ми било Иљо,

Ајде, не ми било,

Покрај Крива Река, мила мале,

Покрај Крива Река.

Ајде, тук ми било Иљо,

Ајде, тук ми било,

Во Солуна града, мила мале,

Во ладна меана.

Ајде, го служела, мале,

Ајде, го служела,

Мома Македонка, мила мале,

Мома Македонка.

Извор: https://denesen.mk/