Во пресрет на 19 годишнината од загинувањето на осумте припадници на безбедносните сили во 2001 година на патот Селце-Вејце, Oдборот на бранители на Македонија денеска преку соопштение им оддаде почит со оглед дека поради состојбата со коронавирусот не може да се одржи одбележувањето на годишнината.

Денес се навршуваат 19 години откако во предвечерието на 28 април 2001 година, кај месноста Брeзовица, на патот с.Селце – с.Вејце на падините на Шар Планина во заседа беа убиени, а потоа масакрирани осум припадници на специјалните единици „Тигри“ и на Волци“. Во неможност да го посетиме местото на настанот на овој ден, да положиме цвеќе и да се поклониме од познати причини, сакаме на овој начин да им изразиме почит на нашите херои кои ги дадоа своите млади животи за наше подобро утре. Обврската на бранителите и сите граѓани кои го сакаат ова мало парче земја секогаш си стои, а таа е да се почитуваат сите кои го положиле својот живот за неа. Споменот на оние кои се вградија во темелите на татковината и кои покажаа како се сака таа, нема да избледи никогаш, се вели во соопштението на Одборот на бранители на Македонија.

На 28 април 2001 кај месноста Брезовица на патот с.Селце – с.Вејце на падините на Шар Планина, загинаа МБ(27) КК(24) БН(25) ИС(24) РП(27) БТ(28) ИК(26) и МЈ(30).