Светскиот ден на книгата, прогласен од УНЕСКО, започнува да се празнува од 23-ти Април 1995 година, со цел да се оддаде признание на книгите и писателите, луѓето повторно да го пронајдат задоволството во читањето или да продолжат да уживаат во пишаните дела. Овој датум е симболичен – на тој ден починале двајцата великани на светската книжевност, Мигуел де Сервантес и Вилијам Шекспир. Идејата за одбележување на овој ден потекнува од Каталонија, каде традиционално скоро 100 години се подарува ружа за секоја подарена книга.

Издавачите, наставниците, политичките авторитети, и целото граѓанско општество, во ова денешно турбулентно време, треба да размислат за најдобрите начини за промовирање на книгата, која е незаменлив инструмент на знаењето.

Не можеме да зборуваме за книгата без да помислиме на 759-те милиони луѓе кои не знаат ни да читаат ни да пишуваат, од кои, пак, две третини се жени. Но, слободата на читање, едуцирање, пристапот до најдалечните култури и до резултатите од истражувањата се фундаментално човеково право. Секој треба да го ужива правото на образование и да има пристап до книгата.

Вредноста на книгата се почувствувала уште во најстарите цивилизации, како на пример во египетската, каде што во едно од најстарите познати книжевни сведоштва во записот на еден папирус од пред 3 600 години останало забележано за идните поколенија дека луѓето на тој дел од земјината топка уште во тоа време ја почувствувале убавината и значењето на книгата

Три и пол илјади години по настанувањето на овој запис, големиот руски мислител и револуционер од минатиот век Александар Херцен вели дека книгата е најважното средство во образованието на моралната личност на современиот човек.

Книгите денес, се најмоќните алатки што ни стојат на располагање за да се отстрани сиромаштијата и да се зајакне мирот. Во нив е изразена човечката креативност и желбата за споделување идеи и сознанија, но и за ширење на разбирањето и толеранцијата.