Побарувачката за јагнешко месо зголемена од домашните купувачи во Источниот регион. Во услови на пандемија од КОВИД-19 и отсуство на купувачи од соседството, месарниците егзистираат исклучиво од локалците кои се единствените кои ја крепат не само работата на месарниците туку и воопшто локалната економија.

Цените за килограм јагнешко и годинава се движат околу 300 денари, но поради тоа што сме на прагот на Велигден, вработените во месарите велат дека цената неделава може да биде и повисока.

Сега е период кога нашата работа претежно се базира на домашни купувачи. Од јагнешко се купува речиси се, од џигер, црева и чкембе и до јагнешки ситнеж. Цената варира но главно се движи до 300 денари за килограм јагнешко. Има побарувачка и за свинско и телешко месо. Поради ситуацијата со коронавирусот бугарски државјани и годинава немаме како купувачи, исто како и лани кога имаа забрана за внес на месо во нивната земја. Благодарение на домашните купувачи состојбата со продажба, колку-толку е ублажена.

Додаваат дека согласно мерките за заштита од појавата на зараза од КОВИД-19 се следат насоките на Агенцијата за храна и ветеринарство за соодветна заштита при продажба на месото.

Од таа гледна точка немаме проблем, се следат сите препораки, при купувањето влегува само по еден муштерија. Заштитата на рацете и лицето е задолжителна, така што граѓаните немаат проблем во тој дел. Поради забраната за работа на угостителските објекти, месарите бележат намалување на продажбата наменета за овој сектор, поради што се е оставено во рацете на домашните купувачи. Од нивната куповна моќ ќе зависи и колку долго во услови на продолжување на пандемијата ќе може да опстои не само оваа гранка, туку локалната економија воопшто.